Навистина е штета што Исак не се родил на овие простори, па сигурно немаше да застани на третиот закон, туку ќе имаше инспирација за многу повеќе и можеби ќе пронајдеше и некоја неисцрпна енергија. Многу едноставно е да се препознае кое е телото, кое е надворешното дејство, забрзувањето и оп ете ти една чудна енергија која после толку * повторно се обновува иако таму некаде постои кубурот кој се чува за зол час.

Оваа чудесна енергија деновиве можеше да се почувствува, да се намириса, да се види во очите на сите оние победници кои добро би било да знаат во што победија. Можеби за некои е чудно и неможат да ја видат таа победа, па подобро би било и тие да си ги спакуваат куферите и да ги остават славениците на раат да уживаат во забавата. На овие простори така добро ни се гостија и кој знае до кога ќе се гостат со ваквите победници меѓу кои не сум сигурен дали беа и членовите на новоформираните фризерско-козметички оделенија во моќните државни компании.

Мора да признаеме дека претходно имавме така успешна влада која организираше “кристално” чисти избори на кои гласаа човечиња, фантоми, нинџи и што уште не и ако тоа потраеше уште малку сега сигурно ќе имавме прогласено кралство или некојси вид на македонбашии, кој не дека сега ги нема само не се официјализирани како форма и бројчано се дуплирани. Тргнувајки од фактот дека овие сегашните не се толку успешни во моделирањето на розовите очила како нивните претходници, најдобро би било да си ги направат сите потребни уставни промени, но да внимаваат во прерачунките со процентите или што е сигурно нека се даде можност да гласаат сите граѓани вклучувајќи ги и оние неродените… и така ни фали еден добар дел кој замина по светот и оние другите на кој му се смачи од се.

Лоши актери сте, имате еден поранешен градоначалник кој како вистински професионалец во театарот беше “успешен” во својата градоначалничка улога, па го изнаслушавме во вашите бомби, го изнагледавме во вашите “циркузи” наречени судски рочишта и на крај сепак ви остана должен, па најдобро би било да посетувате по некој час приватна настава кај него за да ви се оддолжи, а патем и нешто ќе поднаучите. Па мајкому стара доста веќе затворате криминалци од претходната власт, ги испозатворивте сите одговорни лица, доволно народни пари вративте, не остана афера која не беше разрешена, фирма не вратена, па и тоа специјалното обвиинителство го прегреавте од работа… дајте малку толеранција.

Го слушам вашиот гласноговорник како кажува дека нема запирање со разрешувањето на криминалот и воведувањето на правда… немојте бе дечки греота се, доста му беше, се му зедовте, повеќе немаат леб да јадат… Имајте малку милост, има решение за се, има успешни примери за партнерски фирми, партнерски тендери, партнерски гласања во парламентот, организирање на партнерски избори и сите прпоратни циркузи… Но доколку Европската Унија налага за разрешувањето на криминалот и воведување на право тогаш продолжете со вашите успешни активности и се надевам дека и на ова поле ќе добиете висока оценка како онаа од економијата.

Но сето тоа го оставаме на страна и да уживаме во финишот на престојните избори кои изобилуваа со прекрасна кампања исполета со уметност… танц, емотивна поезија, љубовни писма, отворени чакри, брза географија… штета што не се појави некој жонглер или голтач на пламен. Истата монотонија на меѓусебни обвинувања кој колку украл, кој повеќе го контролирал правниот систем, во чие владеење земјоделците фрлиле повеќе производи, во чие време се иселиле поголем број на граѓани, како едните имаа непознати вакцини, другите со поминат рок, кој како се пазарел за промена на името, во чие време повеќе се зголемила инфлацијата, кој колкав процент барал…

И покрај прозирноста на договорите и пуштањето во оган на единки сепак присутен е стравот од неуспех на истите па се појавуваат нови бомби кои поминаа со слаб интерес и покрај мизеријата која ја слушаме од политичкиот врв и елитата… не користат за ништо друго освен за некоја приватна уцена и изнуда, одамна не се докази, но добро послужија за манипулација и промена на сопствениците и името на фирмата од ДООЕЛ РМ во ДООЕЛ РСМ а структурата, начинот на работа и шифрите на дејност останаа исти… во континуитет е само ароганцијата и безобразлукот.

Го нема веќе она чувство да го казниш полошиот, сега незнаеш кој од кој е полош, ги нема повеќе оние избори кога и магаре (најдлабоко извинување кон овај животонски род во споредба со…) да ставеа на листата ќе победеше само поради гневот кон другите, сега и негласањето го обоија во бојкот и бојата на противникот, па немаш опција доколку не сакаш да го избереш помалото зло… добар пат кон избори со еден кандидат по можност со 99,9% излезеност…
Тестот на политичката зрелост мислам дека започнува на овие избори и очекувам дека граѓаните конечно ќе го положат овај испит…

Автор: Благојче Трајковски, Член на УК на ГДУ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here